Битолчани ќе организираат куп-спектакл: Ќе ја оправдаме довербата, овој настан е „јаготка на шлагот“

КК Пелистер ја презеде улогата на организатор на турнирот од Купот на Македонија, што по пет години повторно ќе се одржи надвор од Скопје. Битола по цели 17 години повторно ќе биде домаќин на куп-завршница, а челниците на Пелистер заедно со претставниците на главниот спонзор, компанијата Таск Форс, веруваат дека целосно ќе одговорат на предизвикот.

За таа цел, одредена е и популарна цена од само 100 денари за дневен билет, со јасна желба салата „Боро Чурлевски“ да биде пополнета до последно место.

„Среќни сме и возбудени што имаме чест и задоволство што годинава можеме да го организираме ова натпреварување и што по пет години тоа излегува надвор од Скопје и ќе се одржи во Битола. Се надеваме дека посетеноста ќе биде на високо ниво, ова е спортска недела за нашиот град бидејќи имаме два ракометни спектакли и сега тридневна кошаркарска забава со завршницата од Купот. Очекуваме голем број гости од странство, најавено е и присуството на директорот на АБА и тоа ќе биде една одлична можност за промоција и на градот и на клубот“, изјави директорот на КК Пелистер, Филип Ивановски.

Тој е оптимист и дека екипата на битолскиот прволигаш ќе се прикаже во добро светло на теренот и ќе стигне најмалку до финалето на оваа куп-завршница.

„Од спортски аспект, како организатори и домаќини, нормално е да се надеваме, прво дека ќе стигнеме до финалето, а таму се е можно. Јас како спортски директор, заедно со управата и стручниот штаб работевме макотрпно и овој настан е како јаготка на шлагот и се надеваме дека ќе ја оправдаме довербата која ни е укажана. Битола можеби важи за ракометен град, но нема да биде лошо ако во иднина биде и кошаркарски. Најважно е да ги научиме младите да го сакаат спортот и да ја продолжат традицијата, а што ќе сакаат повеќе, останува на нив“, се надева Ивановски на првиот трофеј во историјата на „зелено-белите“.

Се вчитува...