Работник по голема битка успеа да слави над Пелистер во големото битолско дерби од ракометната Супер-лига (22-25), прв триумф на помладиот од двата битолски суперлигаши над големиот ривал. „Пелистерци“ во првиот дел од сезоната под водство на Стевче Алушовски го зедоа скалпот на „фармацевтите“, но овојпат со новиот тренер Марковски не го повторија успехот, туку по голема борба беа принудени на капитулација.
Првото полувреме донесе израмнета игра од двете страни, па на одмор се замина со 12-12. Избраниците на Илија Темелковски се одлепија и поведоа со три гола разлика во раната фаза од вториот дел, но „пелистерци“ не се откажаа. „Зелено-белите“ успеаја да стигнат до израмнување, а отпорот им беше скршен откако при еден гол негатива нивниот голман промаши шут кон празната мрежа откако Работник играше без голман. „Фармацевтите“ од Битола знаеја како да го искористат тоа, поискусно ги одиграа последните десетина минути и заслужено стигнаа до победа од 22-25.
За одличниот ракомет прикажан во 60-те минути игра ракометарите на двете екипи на крајот беа поздравени од странна на навивачите кои до последно место вечерва ја исполнија салата „Младост“ во Битола.
Чантурија со девет гола беше најефикасен на битолското дерби, сепак недоволно за триумф на неговиот Пелистер, додека кај победничкиот тим најдобар стрелец беше Пецаковски со седум погодоци.
Пролет многу потешко од очекувањата стигна до победа над Металург 2 (27-26). Гостите имаа водство во поголемиот дел од мечот, на одмор заминаа со 9-13, но Пролет сепак успеа да го сврти резултатот во своја полза и на крајот забележа минимален триумф. Андоновски постигна девет гола во новиот триумф на тимот на Пролет, во кој Мартин Манасков учествуваше со пет погодоци.
Охрид лесно ја оправда фаворитската улога против Прилеп, славејќи на гостински терен со 21-29, предводени од Андоновски и Блажевски, кои постигнаа по седум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА