Ракометарите на Еурофарм Пелистер направија уште еден чекор напред кон освојување на шампионската титула, рутински триумфирајќи на гостувањето против Бутел со убедливи 17-26. „Бутелци“ важат за тим што скапо ја продава кожата против фаворитите, но овојпат битолчани одиграа извонредно во одбраната, не дозволувајќи му на домаќинот да се понадева на сензација.
„Пелистерци“ добро го отворија дуелот и поедоа со 2-5, а нешто подоцна имаа и предност од 4-7. Бутел за момент успеа да влезе во ритам, намалувајќи на 7-8, резултат при кој домаќините не реализираа три напади за израмнување, еден од нив зицер од контранапад. Казната стигна експресно, Еурофарм Пелистер постигна четири гола во серија и на одмор се замина со убедливо водство на битолчани од 8-12.
Избраниците на Жељко Бабиќ потоа го отворија и второто полувреме со два гола во низа, а цврстата одбрана им овозможи лесно да го контролираат резултатот до самиот крај и конечните „плус девет“. Божич – Павлетиќ со седум гола беше прв стрелец на битолчани, по четири постигнаа Граџан и Мандалиниќ, додека на спротивната страна Младеновски беше најефикасен кај Бутел со четири постигнати погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА