Најновото и најнеобично засилување на Манчестер јунајтед, Одион Игало нема да патува со екипата во Шпанија, каде „црвените ѓаволи“ ќе бидат на мини зимски подготовки.
Манчестер јунајтед стравува дека на нивното засилување Велика Британија потоа нема да му дозволи враќање во државата поради сомнеж за коронавирус.
Нигериецот стигна во Манчестер јунајтед на позајмица од кинески Шангај Шенхуа во самиот финиш на зимскиот преоден рок. Тој се уште не го минал периодот од 14 дена кој се смета за критичен, па поради тоа и во Јунајтед не се сигурно околу неговото здравје.
Досега на Островот се забележани три случаи на болни од коронавирус кој почна да се шири од кинески Вухан. Но, што е крајно бизарно во целата ситуација е фактот дека Нигериецот веќе пристигна во Манчестер и тренираше со тимот, ги мина претходно сите контроли за влез во Велика Британија па затоа чуди зошто клубот сега не сака да го носи на подготовки.
„Клубот може да потврди дека поради актуелната ситуација во Кина, Одион Игало нема да патува за Шпанија затоа што не постои гаранција дека потоа државата ќе го пушти назад со оглед на тоа дека не е минат периодот на инкубација“ – пишува и во клупското соопштение од Манчестер јунајтед.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

