На почетокот од оваа седмица и официјално стартуваше новата сезона од Бизнис-лигата…
ЈСП со победа ја започна новата сезона од Бизнис Лигата
Окта 4-6(3-2) ЈСП
Окта: Славчо Стојковски 6’ Александар Јовчевски 10’ Шеќо Личина 19’ Драганчо Ѓорѓиевски 40’
ЈСП: Дејан Блажевски 4’ 7’ Маријан Србиновски 22’ Сабит Хусеини 26’ Љ. Павловиќ 31’ Сашо Георгиев 38’
Новата сезона од Бизнис Лигата на Македонија ја отворија екипите на Окта и ЈСП. Интересни воведни минути одиграа двата тима, екипата на ЈСП беше таа што ја превзема иницијативата што резултираше со рано водство во 4та минута со одличниот погодок на Дејан Блажевски. Екипата на Окта брзо одговори на ова водство и веќе во 6та минута успеа да реализира напад за израмнување на резултатот. До крајот на полувремето се играше отворен фудбал со многу шанси и на двете страни, во таквата отворена игра поуспешна ова полувреме беше екипата на Окта која на паузата замина со поволен резултат од 3-2. На стартот од второто полувреме ЈСП направи неколку промени во тимот, во игра внесе голман играч што резултираше со израмнување во 22. минута. Овој погодок им даде дополнителен мотив на екипата на ЈСП која тргна поагресивно кон противничкиот гол и во средината на полувремето успеаа да направат целосен резултатски пресврт. Окта со сите сили, најчесто преку контра напади се обидуваше да се врати резултатски во игра но екипата на ЈСП рутинирано успеа да го приврши натпреварот со резултат во своја корист од 6-4.
Еуро Табак и Алкалоид ги поделија бодовите
Еуро Табак 4-4(2-2) Алкалоид
Еуро Табак: Никола Зафировски 5’ 17’ Дејан Младеновски 29’ Дејан Јанковски 31’
Алкалоид: Стефан Димовски 2’ 21’ Оливер Христовски 7’ Денис Салковски 37’
Одличен почеток за екипата на Алкалоид која уште на самиот старт во втората минута преку Димовски успеа да го отвори резултатот. Овој брз погодок навестуваше отворена игра со многу шанси и на двете страни. Еуро Табак брзо успеа да се врати од овој шок и во 5та минута да погоди за израмнување. До крајот на полувремето екипата на Алкалоид имаше повеќе од играта, но екипата на Еуро Табак успеа да искористи грешка во одбраната и да го изедначи резултатот на 2-2. Во второто полувреме двата тима приредија одличен фудбал, исполнет со многу атрактивни потези и прекрасни голови. Алкалоид на стартот на полувремето успеа да го превземе водството по одличниот гол на Димовски, сепак Еуро Табак се покажа како екипа со цврст карактер и успеа резултатски да се врати во игра и во 31та минута да направи целосен резултатски пресврт. Тимот на Алкалоид последните минути ги одигра со голман играч фрлајќи се на една карта и во 37та минута успеа да дојде до израмнување. На крајот натпреварот заврши со делба на бодовите со резултат од 4-4.
Мепсо се разбуди во второто полувреме и дојде до победа над Пекабеско
Мепсо 5-0(0-0) Пекабеско
Мепсо: Александар Јакимовски 25’35’ Диме Рошковски 38’ Борис Трајковски 27’ Томи Честоилов 40’
Израмнето прво полувреме одиграа екипите на Мепсо и Пекабеско, екипите се одредија за нешто позатворена игра внимавајќи повеќе на својот гол. Со повремени контра напади и удари од далечина се обидуваа да го отворат резултатот, но за одбележување се неколкуте одлични интервенции на голманите кои успеаа да ги сочуваат своите мрежи мирни до полувремето. Во второто полувреме двете екипи започнаа со поагресивна, напаѓачка игра. Во 23. минута екипата на Пекабеско успеа да одработи одличен напад но сепак дирекот беше сојузник на екипата на Мепсо. Оваа изгледна прилика на Пекабеско како да ја разбуди екипата на Мепсо која тргна во целосна офанзива и за неколку минути успеа да оствари предност која до крајот на натпреварот доста искусно ја одржуваше.
Макпетрол убедлив во дуелот со Рамстор
Макпетрол 16-1(6-0) Рамстор
Макпетрол: Игор Стојковски 2′ 20′ 23′ 35′ Марко Костенцовски 2′ 21′ 26′ Бернар Бакировски 9′ Горан Костенцовски 29′ 39′ 40′ Илчо Филиповски 18′ Ибраими Исмаил 36′ 40′ Мишо Ѓорѓиевски 10′ 25′
Рамстор: Фуркан Муртезани 31′
Екипите на Макпетрол и Рамстор го започнаа вториот натпреварувачки ден од првото коло. Екипата на Рамстор настапи значително ослабена без неколку клучни играчи. Уште на самиот старт Макпетрол вршеше притисок во предно поле и со доста агресивна игра наметна ритам со кој олабениот Рамстор не можеше да се снајде. Така, на полувремето Макпетрол замина со предност од 6-0. Во второто полувреме од минута во минута Макпетрол го зголемуваше водството со што опаѓаше моралот на Рамстор кој на крајот го загуби овој натпревар со 16-1.
Ваикики и Вип одиграа без победник
Ваикики 3-3(1-2) Вип
Ваикики: Едит Салковиќ 11′ Армин Дрпљанин 37′ Иљаз Ајдини 29′
Вип: Никола Спасевски 8′ 25′ Бобан Несторовски 9′
Екипата на Вип овогодинешната сезона ја отвори против новакот во Бизнис Лигата екипата на Ваикики. Вип успеа уште во раната фаза од натпреварот преку Спасевски во 8та минута да дојде до водство кое Несторовски за нецела минута го претвори во 2-0. Ваикики успеа да ги консолидира своите редови и преку Салковиќ во 11. минута успеа да намали на 2-1, резултат со кој се замина на полувремето. Во второто полувреме бевме сведоци на крајно израмнет натпревар се играше брз и отворен фудбал и на двете страни иако екипата на Вип го контролираше натпреваор со гол предност. Ваикики во самиот финиш успеа да постигне погодок за изедначување на 3-3 што беше доволно за делба на бодовите.
Божиков во финишот донесе победа нa Фабрика Карпош
Фабрика Карпош – ГИМ – ЕЛЕМ 6-5
Фабрика Карпош – Гим: Кристијан Панев 7′ Александар Божиков 11′ 19′ 36′ Ѓорѓи Божиков 17′ 32′
ЕЛЕМ: Златко Станковски 3′ 13′ 15′ Влатко Петровски 20′ 30′
Исклучително израмнет натпревар одиграа екипите на Фабрика Карпош -ГИМ и ЕЛЕМ. Во текот на целото полувреме се играше крајно израмнето, на двете страни се играше цврсто во одбраната што им овозможуваше преку контра напади да доаѓаат до отворени шанси за гол. Двете екипи успеаа да постигнат по четири гола и со израмнет резултат да заминат на паузата. Во второто полувреме се продолжи во ист ритам и резултатот беше израмнет се до 37та минута кога Фабрика Карпош – Гим преку Александар Божиков успеа да поведе со 6-5. ЕЛЕМ иако со голман играч не успеа да го израмни резултатот па на крајот Фабрика Карпош -ГИМ славеше со 6-5.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА