Тренерот на Лех Познањ, хрватскиот стратег Ненад Бјелица во позитивно расположение го очекува утрешниот реванш натпревар против Пелистер во 1. квалификациско коло за Лигата на Европа. А, не може да биде поинаку ако се знае дека Лех допатува во Струмица со четири гола предност по победата од 4-0.
„Со задоволство доаѓам во Македонија каде имаме многу пријатели и роднини. Жал ми е што нема да го видам мојот пријател Марио Вујовиќ, кој само што замина на годишен одмор. Се сеќавам дека пред повеќе од една деценија со хрватската репрезентација играв во Скопје пријателски натпревар. Сега сум во една сосема поинаква улога и тука сум да ја завршиме работата“ – изјави Бјелица пред денешниот тренинг на Полјаците во Струмица.
Хрватот потенцира дека очекува квалитетен натпревар утре од 17 часот на стадионот „Младост“, притоа без ниту најмало потценување на противникот.
„Моите момци се стабилни, стојат цврсто на земја и ве уверувам дека нема да го потценат противникот. Напротив, тука доаѓаме да покажеме дека сме поквалитетната екипа. Како и првиот натпревар во Познањ, и овој натпревар е дел од нашите подготвителни натпревари, бидејќи пред првиот меч пред една недела, одигравме само еден тест. Искрено се надевам на одличен натпревар од двете страни“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА