Бламажа на Наполи – Специја со играч помалку го освои „Диего Марадона“

Наполи претрпе неочекуван пораз од 1-2 од Специја, како казна за огромниот број на промашени шанси на „наполитанците“, кои вториот гол го примија додека имаа фудбалер повеќе на теренот.

Инсиње промаши зицер во првата минута, како најава за слабата реализаторска ноќ на избраниците на Гатузо, кои во првите 15 минути имаа десет шутеви кон противничкиот гол, но не успеаја да го најдат патот до мрежата. Гатузо го уфрли Петања на местото на Политано, а корпулентниот голгетер нешто подоцна го постигна водечкиот гол за „наполитанците“. И кога се чинеше дека тој погодок е најава за рутинска победа, гостите се вратија и од пенал израмнија на 1-1.

Во 77. минута Специја остана со играч помалку откако Исмаили по вториот жолт картон заслужено беше испратен кон соблекувалните. Домаќините тргнаа во офанзива, во игра влезе и нашиот Елиф Елмас (на местото на Зиелински), но „наполитанците“ беа шокирани откако нивната одбрана повторно заспа, а Побега се најде на вистинското место по една одбиена топка од дирекот и од еден метар ја смести во мрежата.

Токму Елмас ја имаше најубавата шанса за израмнување, но неговиот обид од единаесет метри заврши над гредата.

Се вчитува...