Одбојкарската репрезентација на Македонија направи огромен чекор наназад во трката за место на ЕП 2019 откако вечерва на домашен терен загуби од Швајцарија со 2-3 во сетови. Швајцарците барем на хартија важеа за аутсајдер во нашата група, но „црвено-жолтите“ повторно одиграа под своите можности, имаа премногу осцилации и на крајот заслужено претрпеа пораз што може скапо да ги чини во обидот да се избори историски пласман на еден европски шампионат.
А мечот во СРЦ „Кале“ почна добро за Македонија, откако предводени од Никола Ѓоргиев и од Љафтов нашите одбојкари го контролираа првиот сет и заслужено славеа со 25-21. Потоа дојде до пад во играта, а Швајцарците го искористија тоа, возвратија со иста мера, па го добија вториот сет со 21-25.
Најголемиот удар беше зададен во третиот сет. Македонија го контролираше резултатот се до 21-18, кога Швајцарците благодарение на одличниот блок, надополнет со слабиот прием на нашите одбојкари, успеа да поведе со 21-24. Гостите го добија сетот со 23-25, што им даде крилја подобро да го отворат и четвртиот сет.
Швајцарија имаше и плус четири (5-9, па 9-13), но кога се чинеше дека се нема одговор македонските репрезентативци конечно ги дочекаа своите пет минути, правејќи пресврт и на сервис на Деспотовски стигнувајќи до 19-15. Гостите дојдоа до 19-18, но овојпат не им беше дозволен камбек, па Македонија успеа да израмни на 2-2 во сетови (25-19).
Тај-брејкот мина во израмнета битка, за Македонија прва да стигне до два поени разлика (7-5), но Швајцарците експресно дојдоа до 7-7. Нивната серија продолжи, па гостите поведоа и со 7-9 пред селекторот Матијашевиќ да побара тајмаут. Стоп кажа Никола Ѓоргиев со смеч за својот 35. поен на мечот, но Швајцарија до самиот кај ја одржа предноста и триумфираше со конечни 12-15, значително намалувајќи ги нашите шанси за пласман на ЕП.
Македонија во рамките од четвртото коло од овој квалификациски циклус в сабота ќе гостува токму на репрезентацијата на Швајцарија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА