Поранешниот прв човек на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Сеп Блатер говореше околу организацијата на Катар на Светското првенство во 2022 година. На 12 дена до почетокот на шампионатот поранешниот прв човек на Куќата на фудбалот вели дека било грешка тоа што Катар го добил Мундијалот.
Планот бил по Русија 2018, САД да биде домаќин на Светското првенство, но работите се промениле во последен момент кога Блатер добил повик од Платини.
„Ми се јави Мишел Платини и ми рече дека нашиот план за Светско првенство во Русија, па во САД нема да може да се изведе. Ми кажа дека имал повик од францускиот претседател Саркози кој само што имал состанок со првиот човек на Катар. Саркози му рекол да му го доделат Светското првенство на Катар. Јас бев против, но Платини тогаш ме праша што би направил јас ако претседателот го побара тоа од мене. Јас реков дека во Швајцарија немаме претседател, па не сочувствувам со него. На крајот четирите гласа кои ги однесе Платини, пресудија Катар да биде домаќин на местото од САД. Тоа е вистината. Секако дека се беше за пари. Шест месеци потоа, Катар купи борбени авиони од Франција и тоа во вредност од околу 14,6 милијарди долари“, рече Блатер за швајцарските медиуми.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА