Кире Лазаров го одигра последниот натпревар за Барселона во „Блауграна“ и бешe испратен со овации од домашната публика. По четири години во дресот на каталонскиот тим со кој стигна и до првата шампионска титула во Лигата на шампионите, 37-годишниот македонски капитен од следната сезона се сели во францускиот Нант.
„Киро, ти благодариме за се“, му порачаа навивачите на Барселона на македонскиот бомбардер кој во изминативе четири години по ред беше најдоабр стрелец на трофејниот шпански тим.
Во прошталниот меч за Лазаров и за данскиот пикер Јеспер Нодесбо, Барселона неочекувано тешко ја совлада Хуеска со само еден гол разлика (30-29) забележувајќи ја 30 победа во исто толку одиграни натпревари сезонава во АСОБАЛ лигата. Кире Лазаров во својот последен натпревар во Блауграна постигна шест гола од седмерец и заедно со Раул Ентрериос одново беше најефикасен во составот на Барселона. Борко Ристовски го заврши мечот со шест одбрани од кои една од седмерец, а Гонзало Перес де Варгас додаде пет интервенции на голот на Барселона.
По рутинската одбрана на шампионската титула во Шпанија, до крајот на сезоната, Кире Лазаров и Борко Ристовски со Барселона ќе се борат за уште два трофеи. Првиот предизвик е завршницата во Лигата на шампионите на Ф4 турнирот во Келн, а потоа борбата за пехарот во шпанскиот Куп на кралот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА