Од ракометниот клуб Металург се децидни дека Стефан Додиќ се уште е нивни ракометар и не смее да настапи за Охрид во новата сезона во Суперлигата. Претседателката на клубот, Зорица Блажевска вели дека се уште немаат добиено никаква информација од Ракометната федерација на Македонија за трансферот на Додиќ.
„Официјално, немаме добиено никаква информација од РФМ за Стефан Додиќ за трансферот, кој не е возможен. Стефан Додиќ е регистриран со лиценца за РК МЕТАЛУРГ на 4 години, 3 години се плаќа лиценца на РФМ од 1000 еур, не знам што се сменило годинава? Со целосно исполнети услови во Договор. Ако е сепак регистриран за друг клуб, тоа е преседан, без исписница, без регулирани односи. Тоа значи дека никој не е заштитен и никој не е сигурен и со важечки договор. Точно е, Клубот се соочува со проблеми кои се влечат со години, но секојдневно се работи на нивно решавање. Вакви потези никому не помагаат, баш напротив, му наштетуваат на Клубот. Ќе ја почекаме Одлуката на РФМ за случајот Додиќ, доколку е вистина тоа што тврдат од РК ОХРИД, ќе го продолжиме случајот на суд и ќе побараме помош од ЕХФ. Стефан Додиќ е последен кој треба да влезе во вакви игри, после се што направи Металург за него и се што му овозможи. Истото го потврди самиот тој во последната изјава за медиумите . Што се случи еден месец подоцна, не ми е јасно“, изјави Блажевска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА