Бледиот Реал Мадрид „капитулираше“ на Енфилд (ВИДЕО)

Ливерпул го надигра, и заслужено го совлада Реал Мадрид со минимални 1-0. За победата што е минимална е „виновен“ Тибо Куртоа кој имаше фантастични пет интервенции, и спаси вистинска катастрофа на својот тим. Од друга страна „кралевите“ одиграа блед натпревар, без ниту една сериозна шанса.

Ливерпул беше подобар противник во првиот дел од Реал, но благодарение на Куртоа, резултатот на полувремето беше 0-0. Имаше и еден спорен момент, ама Ливерпул не доби пенал по таа ситауција кога со рака играше Чуамени.  На стартот од вториот дел шанси имаа и Ван Дајк и Екитике, но Куртоа беше одново феноменален. Меѓутоа голманот на Реал Мадрид не можеше да стори ништо во 61. минута кога Собослаи го проигра Мекалистер кој со глава го совлада Куртоа, кој, конечно, капитулираше на „Енфилд“. Ливерпул можеше да го реши победникот во 87. минута кога имаше двојна шанса, но прво одбрана на Куртоа, а потоа спаси и Милитао. На крајот се покажа дека голот на Мекалистер беше единствениот на овој меч.

Јувентус одигра 1-1 против Спортинг на дебито на Лучијано Спалети за овој тим во Лигата на шампионите. Јувентус доживеа шок во 12. минута кога Араухо ги однесе гостите во водство. На асистенција на Тринкао, Араухо го совлада Ди Грегорио, а веднаш потоа Тринкао ја погоди и стативата од голот на тимот од Торино. Влаховиќ во 39. минута по една одлична акција успеа да го израмни резултатот, што на крајот беше и конечен.

Атлетико беше подобар од белгиски Унион. Алварез беше прецизен во 39. минута за Атлетико, откако доби топка од десната страна, и најдобро се снајде во шеснаесетникот. Галагер во вториот дел, во 73. минута успеа да зголеми на 2-0. Белгискиот првак преку Сикес намали во 80. минута, но победата ја запечати голот на Љоренте во последните моменти од мечот.

Во Атина, Олимпијакос и ПСВ одиграа 1-1. Мартинс со фантастичен гол донесе предност за Олимпијакос ов 17. минута, а во последните секунди од мечот Пепи израмни за ПСВ.

Тотенхем дојде до победа, откако на домашен терен го совлада Копенхаген со убедливи 4-0. Се играше 19. минута кога Џонсон ја израдува домашната публика, и го однесе Тотенхем до водство. На стартот од вториот дел Одоберд постигна и втор гол и во голема мера уште тогаш го реши прашањето околу победникот. Црвениот картон на Џонсон како да не влијаеше врз домашните, со оглед дека Ван де Вен и Палиња го однесоа Тотенхем и до 4-0 во 67. минута. Тимот од Лондон можеше да слави и поубедливо, но промаши пенал Ричарлисон во финишот на мечот.

Монако успеа да освои три бода на тешкото гостување во Норвешка кај Бодо. Балогун од косо од лево успеа да го најде патот до голот на Бодо во 43. минута од средбата.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...