Јуниорската репрезентација на Македонија го одигра својот најдобар натпревар на Европското Првенство – Б дивизија во Скопје откако попладнево ја декласираше селекцијата на Данска со преубедливи 85-54, во разигрувањето за пласман од 17. до 24. место. „Црвено-жолтите“ ги оставија зад себе разочарувачките настапи од групната фаза и четирите порази во низа, па денеска одиграа извонредно, заслужено стигнувајќи до убедлив триумф од 31 поен разлика.
Отпорот на Данците траеше само четири минути, кога Македонија водеше со минимални 9-8, за потоа избраниците на селекторот Милевски да заиграат фуриозно. Првата четвртина заврши со 20-12, набрзо потоа во вториот дел следеше и првото двоцифрено водство, за на одмор да се замине со убедливи 25-48, период во кој блескаа Јакимовски и Какруки, помогнати од сите останати кошаркари. Темпото се задржа и во вториот дел од натпреварот, за Македонија да го заврши мечот со конечни 85-54, за доказ дека нашата селекција поседува далеку поголем потенцијал од она што го покажа при срамниот пораз од Луксембург.
Какруки го заврши мечот со 19 поени, а одличен беше и Јакимовски, кој оствари дабл-дабл од 15 поени и 15 скокови за само 25 минути игра. Двоцифрен ефект имаа уште и капитенот Лука Стојановски со 15 и Панов со 11 постигнати поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА