Блесокот на Димитријевиќ недоволен за триумф на Милано

Олимпија Милано не успеа да ја прекине серијата слаби резултати во Евролигата откако тимот на нашиот Ненад Димитријевиќ во драматична завршница загуби на гостувањето против Басконија (88-83). Милано речиси цел меч беше во негатива, а токму Македонецот со својот блесок и деветте поени за нецели четири минути во четвртата четвртина го вратија италијанскиот првак целосно во натпреварот.

Димитријевиќ погоди по офанзивен скок и донесе израмнување, но во неизвесна завршница тој не доби шанса за шут, неговите соиграчи промашија, а Басконија предводена од одличниот Трент Форест стигна до победата. Македонскиот кошаркар го заврши мечот со 15 поени, два скока и две асистенции, со 21 поен најефикасен беше Миротиќ (шест погодени тројки), а прв стрелец на победничката Басконија беше Форест со 22 поени.

Олимпијакос во дербито на колото славеше на домашен терен над Реал Мадрид со 79-69, меч што го пресуди катасрофалната последна четвртина на „кралевите“ кои за десет минути постигнаа само 10 поени (23-10 за Олимпијакос). Везенков со 23 поени ги предводеше стрелците кај победничкиот тим, 19 поени и 9 скока имаше Мекисик, додека Хезоња со 15 поени беше прв стрелец на Реал Мадрид.

Се вчитува...