Кошаркарите на Блокотехна и во 2018 година продолжуваат со одличните настапи од лани, нижејќи нови победи како во домашното првенство така и во БИБЛ-лигата. Најдобра потврда за квалитетот на тимот на Марјан Илиевски беше последниот меч од БИБЛ против бугарскиот претставник Левски, во кој македонскиот прволигаш доминираше 40 минути триумфирајќи со 74-63. Само за потсетување, Левски состави дрим-тим во Бугарија по фузијата со шампионот Лукоил, но тоа беше само мотив повеќе за Илиевски и неговите избраници да го декласираат големиот ривал и да си го осигураат пласман во полуфиналето од регионалното натпреварување.
„Тоа беше навистина извонреден натпревар во кој доминиравме од почеток до крај. Во еден период во второто полувреме имавме и 25 поени разлика, можевме да славиме и уште поубедливо, но противниците со низа лесни поени по чудни судиски одлуки се изборија барем за попристоен пораз. За мене како тренер е огромно задоволството што мојот тим одигра беспрекорно, со надеж дека ќе продолжиме во ист стил и на следните дуели“ – изјави Илиевски.
Стратегот на тимот од Гевгелија сепак свесно става до знаење дека нема никаков простор за еуфорија, бидејќи допрва ќе претстојат најголемите предизвици за оваа сезона.
„Ние од самиот почеток посочивме дека како нов клуб ќе работиме напорно и ќе атакуваме на што подобри резултати, не поставуваме освојување на пехари за своја цел, но исто така и ќе ја искористиме секоја шанса што ќе ни се укаже. Го надигравме и убедливо го победивме Левски и чувството е одлично, но нема простор за еуфорија, наша цел е да продолжиме во ист стил, да се развиваме како тим“ – истакнува тренерот на Блокотехна.
Хадсон си замина од Гевгелија
Џонатан Хадсон пристигна пред извесно време во Блокотехна како замена за повредениот Мелори, но американскиот плејмејкер не ги оправда очекувањата на стручниот штаб и денеска си замина од тимот од Гевгелија.
„Недоволната физичка подготвеност е главната причина поради која Хадсон не успеа да влезе во натпреварувачки ритам. Со оглед на фактот дека е средина на сезоната, сметаме дека сите играчи треба да се во топ-форма и поради тоа решивме да ја прекинеме соработката со овој играч. Ќе видиме дали има интересен играч на плејмејкерската позиција на пазарот, нема да купуваме по секоја цена, а ако не најдеме соодветна замена за Мелори шанса ќе добијат дел од помладите играчи во тимот“ – изјави Марјан Илиевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА