Блокотехна стигна до значајна победа во својот претпоследен натпревар во регуларниот дел од БИБЛ-лигата, славејќи со 77-92 на гостувањето против Башкими, за осигурување на најмалку второто место во пресрет на Ф4 турнирот што ќе се одржи во Тирана.
Ова беше трет натпревар за македонскиот претставник во последните пет дена, но избраниците на Марјан Илиевски беа посилни од заморот и заслужено стигнаа до победата. Македонскиот прволигаш клучната предност ја направи во втората четвртина што Блоко ја доби со 17-31 и на одмор замина со убедливи 16 поени позитива (36-52). Домашните кошаркари во последната четвртина ја спуштија разликата под десет поени, но Мијатовиќ и Пен беа најдобри во завршницата и ги донесоа посакуваните бодови на тимот од Гевгелија.
Мијатовиќ со 27 поени беше прв стрелец на натпреварот, Пен постигна 20 поени, Џумиќ го заврши мечот со 14, а Главчев реализираше 11 поени, надополнети со шест скока и осум асистенции.
Блокотехна во последниот натпревар од регуларниот дел од сезоната ќе се сретне со Берое, дуел што директно ќе решава за првото место на табелата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА