Центарот Марко Дујковиќ, кој минатото лето го носеше дресот на македонската репрезентација, сезонава ќе настапува и во Првата лига на нашата земја откако потпиша договор со екипата на Блокотехна. Амбициозниот клуб од Гевгелија и покрај одличните резултати на стартот од сезоната продолжува да го надградува својот ростер, со Дујковиќ дополнително засилувајќи ја центарската позиција во тимот.
„Задоволни сме што доведовме домашен кошаркар, и кој со добри игри би можел да се наметне повторно во репрезентацијата. Веруваме во квалитетите на Дујковиќ, кој сигурно ќе ни помогне во остварување на клупските цели“ – изјавуваат од раководството на Блокотехна.
Воедно, клубот од Гевгелија се обидел да го доведе во своите редови Предраг Самарџиски, кој нема речиси никаква минутажа на средбите на Мега Бемакс, но поранешниот репрезентативец ја одбил нивната понуда.
„На Самарџиски му беше понуден отворен договор, за да се врати во натпреварувачка форма и доколку добие понуда од странство да може да си замине. Му понудивме и беспрекорни услови за работа, но тој е дециден на ставот дека својата кариера ја гледа во странство. Ја разбираме и ја почитуваме неговата одлука“ – истакнуваат челниците на амбициозниот клуб од Гевгелија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА