Блокотехна го преслуша и Фени индустри

Кошаркарите на Блокотехна по триумфот над МЗТ Скопје забележаа нова победа во рамките од второто коло од Првата лига, овојпат на гостувањето против Фени индустри, со резултат 66-76. Кавадарчани важат за незгоден ривал со неколку квалитетни американски кошаркари, но избраниците на Малинков немаа начин да го запрат расположениот состав од Гевгелија, кој заслужено се враќа дома со цел плен.

На самиот почеток, по само неколку минути игра натпреварот мораше да биде прекинат поради проблеми со семафорот, по што следеше подолга пауза. Првата четвртина заврши со резултат 20-19 за Фени, но потоа во вторите десет минути Блокотехна заигра одлично во одбраната, му дозволи на домаќинот само десет поени (10-23), па потоа по пресвртот гостите знаеја како да го исконтролираат резултатот до самиот крај, за рутинска победа на теренот во Кавадарци.

Млаеновиќ беше прв стрелец со 19 поени и осум асистенции, Мијатовиќ реализираше 17 поени и девет скока, додека Литванецот Гаидус оствари дабл-дабл од 13 поени и 13 скокови за Блокотехна. Кај Фени индустри најзабележителни при денешниот пораз беа Фундербург со 13 и Бакоч со 12 поени.

Се вчитува...