Девет кола се одиграни во домашното првенство, а зад непобедливиот Работнички се наоѓа Блокотехна, екипата што е најпријатно изненадување во досегашниот дел од шампионатот со осум победи и еден пораз. На вчерашниот дуел против Струмица беше забележана нова рутинска победа, на која шанса добија и помладите кошаркари да ги покажат своите квалитети.
„Лесно се справивме со Струмица, а моја цел беше покрај младите играчи да настапат и оние кои се лидери на тимот, пред се поради фактот дека подолго време немавме посериозен тест. Затоа стартувавме со оние најдобрите, потоа шанса добија и помладите, а слободно можам да кажам дека сите добро си ја одработеа задачата. Сега пред нас се три гостувања, против Рилски, Куманово и Тирана, на кои очекувам добри игри и нови позитивни резултати“ – изјавува тренерот Марјан Илиевски.
Тој не го крие задоволството од игрите и резултатите на својот тим во досегашниот дел од сезоната.
„Имаме причина за задоволство, играме квалитетна кошарка, а истовремено шанса добиваат и дел од помладите кошаркари. Резултатите се и повеќе од задоволителни, но ние не летаме во облаци, ова ни е прва сезона и најважно ни е да поставиме темели за во иднина. Уште на стартот кажавме дека целта сезонава не ни е атак на трофеи, туку креирање на имиџ на сериозен клуб“ – посочува Илиевски.
Карпош соколи и Фени индустри се соочуваат со сериозни финансиски проблеми, дел од кошаркарите на овие тимови се достапни за трансфер, но Блокотехна не планира нови засилувања во следниот преоден рок.
„За жал ситуацијата во мак-баскетот се промени, а дел од клубовите се принудени да се разделат од своите кошаркари. Има слободни домашни играчи на пазарот, но ние имаме јасно зацртана цел и стратегија од која не се поместуваме. Нашата цел е да се развиваме постепено и немаме намера да настапуваме фуриозно на пазарот“ – порачуваат од раководството на Блокотехна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА