ЕКИПА во Самоков,
Стеван Цаневски, Роберт Спасовски
Кошаркарите на Блокотехна не успеаја да се пласираат во големото финале од фајналфор турнирот на БИБЛ-лигата, откако попладнево по голема битка загубија од Левски Лукоил со резултат 81-85. Македонскиот претставник одигра фантастична прва четвртина, потоа во второто полувреме играше „егал“ до самиот крај, но претенката клупа, надополнета со минималната минутажа на Бенџамин и на Ѓуроски беше причината поради која се загуби здивот во последните минути, кога Левски се одлепи и на крајот стигна до победата.
Горан Главчев со тројка го реализираше првиот напад на натпреварот, најавувајќи го одличниот старт на Блокотехна. Младеновиќ погоди два пати во низа, па Мијатовиќ беше прецизен за нова тројка и водство од убедливи 10-2 на самиот старт од средбата. Левски набрзина се приближи на 12-9, по што Илиевски веднаш побара тајмаут, на половина од првата четвртина. Советите вродија со плод, Блокотехна направи серија од 8-0 (три поени на Мијатовиќ, пет на Главчев), па при резултат 20-9 дојде ред на Тити Папазов да побара минута одмор. Проблемите се појавија во осмата минута со втората лична грешка на Мијатовиќ, но Блокотехна сепак одигра фуриозно до крајот на четвртината, добивајќи ги првите десет минути со 27-16.
На почетокот од вториот дел Илиевски во игра ги уфрли Бенџамин и Ѓуроски, кои поради повреди тренираа со намален интензитет во последните денови. Блокотехна поведе со 29-16, имаше и два напади за уште поубедливо водство, но потоа следеше намерна лична грешка на Бенамџамин и спуштање на разликата под десет поени (29-23), откако Смит влезе во игра на местото на Младеновиќ. При резултат 32-26 Младеновиќ имаше клучен офанзивен скок, по кој Мијатовиќ погоди тројка за враќање на предност на „плус девет“. Сепак, македонскиот претставник во самиот финиш влезе во серија грешки, по што Левски се приближи и намали на 40-39, резултат со кој се замина на одмор.
Блокотехна подобро го стартуваше и второто полувреме, поведувајќи со 48-42, но Леввски експресно се врати и на половина од третата четвртина резултатот гласеше 48-47. Левски за првпат поведе во 27. минута (50-51), но македонскиот тим не се предаде, туку одговори со пет поени во низа, па во последните десет минути се влезе со водство на нашиот претставник од 58-54, по тројката што ја постигна Казарновски на асистенција по офанзивниот скок на Младеновиќ.
Четвртата четвртина стартуваше во знакот на бугарскиот тим, кој набрзина погоди две тројки, па Илиевски побара тајмаут при негатива 58-60. Блокотехна со три слободни фрлања на Смит поведе со 60-61, но следеше нова мини-ерија на Левски, пред Главчев да погоди тројка за израмнување на 64-64 и тајмаут на бугарскиот претставник. Левски влезе во шутерска серија и набрзина поведе со 64-70, пред Смит да погоди тројка со звукот на сирената за напад. Мијатовиќ ги загуби нервите по еден недосуден фаул под рекетот, по што доби техничка грешка, Левски не го искористи слободното фрлање, но „сино-белите“ ја одржуваа предноста. При 71-74 Младенови за малку промаши обид за тројка, по што Маринов беше прецизен од далечина на спротивната страна, за „плус шест“ за Левски на помалку од две минути до крајот.
Последната шанса за враќање исчезна на минути и пол до крај, кога при резултт 73-77 Смит украде топка, тргна на положување, но беше непрецизен. Американецот потоа направи фаул на спротивната страна, Аврамов беше прецизен од линијата за слободни фрлања, но Главчев не се предаде погодувајќи тројка за 76-79. Сепак, Левски со прецизни обиди од линијата за слободни фрлања го одбрани водството и на крајот славеше со конечни 81-85.
Смит со 21 поен беше најефикасен кај Блокотехна, Главчев постигна 19, а Младеновиќ 16 поени, за жал недоволно за место во големото финале.
Македонскиот тим утре во мечот за третото место во 14 часот ќе се сретне со поразениот од денешниот дуел меѓу Рилски спортист и Башкими.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА