Блокотехна – нов кошаркарски прволигаш

Блокотехна е новиот кошаркарски прволигаш, откако овој клуб постигна согласност за превземање на местото во елитното друштво од тимот на Радовиш. Клубот од Гевгелија во огромна мера (со петмина квалитетни кошаркари) им помогна на радовишани да влезат во Првата лига, по што е постигнат договор раководството на Радовиш да го отстапи местото во елитата на Блокотехна, како амбициозен проект што допрва ќе носи резултати.

Можеме да потврдиме дека сите детали се веќе средени и ја добивме потребната документација за место во првата лига. Блокотехна е нов кошаркарски прволигаш, а во тек се подготовките за формирање на Акционерско друштво, нешто што е неопходно според законските прописи за учество во елитното друштво“ – изјави за ЕКИПА претседателот на клубот, Драган Ристов.

Прволигашот од Гевгелија реши да ги задржи во своите редови петмината кошаркари кои помогнаа Радовиш да влезе во елитното друштво, па потпишани се нови договори со Андреј Цветковски, Синиша Аврамовски, Марјан Младеновиќ, Горан Главчев и со Златко Гоцевски. Тренер на тимот останува Марјан Илиевски, кој во изминатиот период беше поврзуван со Карпош соколи и со Куманово, но сепак остана доследен на проектот што го почна на почетокот од оваа година во Гевгелија.

Ова е долгорочен проект и не гледаме потреба веднаш да инсистираме на скапи засилувања. Затоа најпрвин ги наградивме со нови договори оние кои беа со нас од самиот почеток, шанса ќе добијат и неколку талентирани деца од Гевгелија, а планираме и неколку нови кошаркари од странство“ – вели Ристов.

Амбициите се Блокотехна покрај настапот во елитното македонско кошаркарско друштво овој тим да учествува и во едно регионално натпреварување.

Би сакале да ги одмериме силите и со екипите од регионот. Затоа, разгледуваме две опции – настап во БИБЛ или во втората лига на АБА, а одлуката ќе ја донесеме во следниот период“ – истакнува претседателот на новиот македонски прволигаш.

Се вчитува...