МЗТ Скопје ќе ја брани шампионската титула во кошаркарскиот плејоф, откако актуелниот првак славеше со 3-1 во полуфиналната серија со Блокотехна и се избори за финална пресметка против екипата на Работнички. „Сино-белите“ вечерва во интересен натпревар како гости славеа во Гевгелија над незгодниот ривал (72-74), максимално користејќи го отсуството на најдобриот домашен играч Бенџамин, кој се повреди на претходниот натпревар во Скопје. МЗТ повторно беше без помошта на Симоновски, кој најверојатно ќе биде „фит“ за стартот на финалната серија, најверојатно во текот на викендов.
Почетокот на натпреварот мина во знакот на Блокотехна, домашните кошаркари делуваа полетно, па набрзина поведоа со 13-7, потоа и со 15-10. МЗТ благодарение на офанзивниот скок и поените „од втора шанса“ се врати во мечот, стегнувајќи ја и одбраната во финишот од четвртината, па првите десет минути завршија со резултат 15-16. Шампионот продолжи во ист стил и во втората четвртина, набрзина стигна до 15-22, пред Мијатовиќ со положување да ја прекине серијата на својот поранешен тим од 12-0. Се врати самодовербата кај домашните кошаркари, МЗТ се соочи со проблеми по излегувањето на Лалиќ, а Блокотехна со фуриозен финиш го заврши полувремето со одлични „плус седум“ (39-32). Предноста беше уште позначајна со оглед на фактот дека беше извојувана и покрај доминацијата на МЗТ под рекетот, каде гостите од Скопје имаа 12 офанзивни скокови, наспроти само два на Блокотехна.
Советите на тренеррот Кочов вродија со плод, па гостите експресно направија пресврт, во 25. Минута поведувајќи со 42-44. МЗТ имаше и 44-52, но Мијатовиќ и Главчев со тројки во серија го вратија домашниот тим во мечот. Во последната четвртина се влезе со резултат 54-56, но МЗТ потоа го контролираше резултатот во клучните моменти. Илиевски побара тајмаут при водство на гостите од 58-65, следеше тројка на Смит, но актуелниот првак во своите редови го имаше одличниот Бојиќ, кој реализираше неколку напад кога беше најзначајно. Во последните две минути Блокотехна имаше можност да се врати, но домаќините промашија неколку тројки во сериј. Драма во финишот – Мијатовиќ погоди тројка за 72-74, МЗТ ја загуби топката, по што домашните кошаркари немаа храброст за шут, на крајот топката дојде кај Мијатовиќ, кој не успеа да погоди вторпат по ред, па МЗТ го доби овој натпревар со 72-74.
Бојиќ со 22 поени и 11 скокови беше клучен играч кај победничкиот тим, Лалиќ постигна 12 поени, додека најефикасни кај Блокотехна беа Мијатовиќ со 17 и Смит и Казарновски со по 16 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА