Кошаркарите на Блокотехна не успеаја да стигнат до првото место од БИБЛ-лигата откако во дерби-дуелот од последното коло загубија на домашен терен од Берое со резултат 100-104. Македонскиот состав бркаше победа од најмалку десет поени за да го мине Берое на табелата, избраниците на Илиевски во еден момент и имаа „плус десет“ на семафорот, но не успеаја да ја задржат позитивата и на крајот дури и претрпеа пораз од најсериозниот ривал за трофејот во регионалното натпреварување.
Блокотехна одлично го почна натпреварот, тренерот Илиевски го изненади својот противник ставајќи го Пен во одбрана на плејмејкерот Франкамп, на момент исфрлајќи го од ритам гостинскиот состав. Пен беше одличен и во нападот, постигнувајќи 11 поени во првата четвртина во која Блоко имаше предност од 29-21 на половина минута до крајот, но гостите со две тројки се вратија во мечот. На самиот почеток од втората четвртина Берое постигна и трета тројка во низа преку Тонев, но македонскиот прволигаш ја врати контролата, па во 18. минута поведе со 52-42. Гостите од Бугарија повторно подобро ја финишираа четвртината, преполовувајќи ја негативата на пет поени (57-52).
Блоко загуби ритам во нападот во второто полувреме, додека шутерското шоу на гостите од Бугарија продолжи, пред крајот на третата четвртина тие ја презедоа контролата над резултатот, а во последните десет минути стигнаа и до убедлива двоцифрена предност. Блокотехна не се предаде, па по двете украдени топки на Младеновиќ македонскиот тим намали на само еден поен разлика (93-94) на помалку од две минути до крајот. Гостите погодија тројки преку Франкамп и Милер во следните два напади, но тимот од Гевгелија возврати со иста мерка. Во супердраматичен финиш Младеновиќ не реализираше тројка за израмнување при резултат 98-101, по што Берое го доби мечот со конечни 100-104.
Мијатовиќ повторно беше најдобар стрелец на Блокотехна со 28 поени, овојпат рамо до рамо со Американецот Пен, додека Младеновиќ го заврши мечот со 14 поени и седум асистенции, но и осум загубени топки.
Блокотехна го завршува регуларниот дел од сезоната во БИБЛ на второто место, зад Берое. Ривал на македонскиот тим на Ф4 турнирот во Тирана ќе биде третопласираната екипа на табелата, која ќе биде позната по утрешниот меч меѓу Кожув и Академик Бултекс. Ако бугарскиот претставник слави во Гевгелија ќе стигне до третото место и дуел со Блокотехна, во спротивно противник на македонскиот тим во полуфиналната пресметка ќе биде албанскиот состав Теута.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА