Блокотехна почна со екипирање на ростерот за наредната сезона, во која согласно најавите поголема шанса се очекува да добиваат домашните кошаркари. Во изминатите денови беа водени преговори со неколку кошаркари, при што беше постигнат договор за продолжување на соработката со тројца играчи кои и лани го носеа дресот на клубот од Гевгелија.
Капитенот Горан Главчев и во новата сезона ќе биде еден од главните адути на тренерот Илиевски, рамо до рамо со плејмејкерот Младеновиќ, кој имаше низа одлични партии во ланскиот шампионат. Покрај овие двајца, договорено е и да продолжи соработката со Андреј Цветковски, талентираниот плејмејкер кој ја пропушти ланската сезона поради повреда на коленото, но сега би требало да има значајна минутажа во таборот на Блокотехна.
Се очекува во тимот да остане и младиот Колев, кој важи за домашен талент од Гевгелија, како и Лазаревски, кој лани играше на двојна регистрација и прикажуваше одлични настапи за Радовиш, но заработи незгодна повреда и ќе го пропушти стартот на новиот шампионат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА