Кошаркарите на Блокотехна запишаа уште една победа против градскиот ривал Кожув во деветтиот натпревар, и за двете екипи, во БИБЛ лигата. Блокотехна славеше со 89-85, на тој начин стигнувајќи и до седмата победа во ова регионално натпреварување.
По израмнетата прва четвртина која која Кожув ја доби со 16-17, веќе во вториот период од играта Блокотехна демонстрираше цврста решеност и овој пат да дојде до сигурна победа. На полувремето се замина со предност на Блокотехна од 43-32.
Во второто полувреме продолжи рутинската игра на Блокотехна, со цврста одбрана и сигурност под кошевите, контролирајќи го максимално резултатот. Иако, кошаркарите на Кожув се заканија во последната четвртина доаѓајќи во финишот и до негатива од само два поени на седум секунди пред крајот, сепак успеаја да стигнат само до чесен пораз од 89-85.
Извонреден во победничкиот тим беше Данило Мијатовиќ со 31 поен и 9 скока, Ѓумиќ заврши со 20 поени и четири скока а Николиќ запиша 18 поени дополнети со пет скока и четири асистенции. Младеновиќ натпреварот го заврши со „дабл-дабл“ ефект од 12 поени и дури 14 асистенции. Во поразениот тим на Кожув се издвоија Вилијамс со 18 поени, Кесар со 17 поени и Караколев со 15 постигнати поени.
Блокотехна сега има седум победи од девет натпревари во БИБЛ лигата останувајќи на четвртата позиција но и со одиграни два натпревари помалку од Теута и Академик, додека Кожув остана на двете претходни победи на претпоследната позиција на табелата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА