Кошаркарите на Блокотехна продолжуваат со извонредните игри од стартот на сезонава, остварувајќи одличен резултат со победата над досега непобедливиот Рилски спортист, и тоа среде Бугарија со преубедливи 64-87. Избраниците на Марјан Илиевски одиграа фантастичен меч во кој целосно доминираа во однос на фаворизираниот противник, стигнувајќи до триумф со кој се искачија на првото место на табелата во БИБЛ-лигата.
Доминацијата на клубот од Гевгелија почна уште од самиот старт, па Блокотехна по неполни пет минути игра веќе имаше двоцифрена предност (4-16) со тројката на Мијатовиќ. Српскиот крилен центар веќе во стартниот период стигна до двоцифрен број на поени, а резултатот гласеше 16-25, токму со неговите поени на девет секунди до крајот на четвртината. Рилски спортист се обиде да се приближи во вториот период, но Главчев погоди тројка во многу значаен момент, Блокотехна го издржа налетот на домаќините и на одмор се замина со предност на македонскиот тим од 38-47. Клучен момент беше финишот од третата четвртина, кога Блокотехна поведе и со „плус 18“ (46-64) и практично ги реши сите дилеми околу победникот.
Не само што бугарскиот тим не успеа да се врати, туку македонскиот претставник до финишот успеа уште повеќе да ја зголеми предноста, за голема победа од 64-87.
Мијатовиќ беше најефикасен со 20 поени, Бенџамин застана на 18, Младеновиќ реализираше 16 поени, 6 скока и 6 асистенции, додека по 12 поени постигнаа Главчев и Казарновски.
Блокотехна и Рилски спортист сега имаат идентичен скор 5-1, но македонскиот тим моментно е прворангиран токму поради денешната убедлива победа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА