Блокотехна сака „брејк“ на стартот на полуфиналето

МЗТ Скопје Аеродром има шест титули по ред, за Блокотехна ова е прв пласман во разигрувањето за титулата, но во салата „Јане Сандански“ вечерва (19 часот) се очекува старт на интересна полуфинална пресметка од плејофот. „Металците“ се изборија за втората позиција во Суперлигата, што значи и меч повеќе на домашен терен.

На Блокотехна ќе и треба подвиг на гостувањата за да направи предност кој би ја довела до можност да се бори за конечен успех на свој паркет. Тие посакуваат „брејк“ уште на вечерашниот дуел во Скопје.

„Знаеме се што може да се знае за МЗТ Скопје бидејќи неколку пати игравме со овој ривал сезонава. Ја имаат предноста на домашниот терен и подолгата ротација на играчи, но ние го продолжуваме она што најдобро го знаеме, да играме убава кошарка, да се бориме за секоја топка и ако ни се укаже можност да стигнеме до победата“ – истакнува Стојан Ѓуроски.

Во текот на оваа сезона, МЗТ и Блокотехна одиграа пет натпревари. Во регуларниот дел од сезоната, Блокотехна беше поуспешна и забележа две победи. Пресвртот во скорот во меѓусебните пресметки, МЗТ го направи со триумфот во полуфиналето од Купот за потоа да биде убедлив и во двата дуела од суперлигашкиот сегмент на сезоната.

„Моите очекувања се дека ќе биде доста неизвесен меч како и сите досега одиграни без разлика на крајниот резултат. Предностите на МЗТ Скопје се подолгата клупа и повеќе домашни играчи во ротација додека нашата шанса ја гледам во нашата колективна игра и добра одбрана“, истакнува Марјан Младеновиќ.

Во втората полуфинална серија од утре во битка за место во финалето ќе влезат Работнички и Куманово. Во овој дуел, тимот на Марин Докузовски кој беше неприкосновен лидер на табелата во текот на целата сезона ќе ја има предноста на домашниот терен.

Се вчитува...