Блокотехна со фантастичен пресврт до првото Куп-финале

Блокотехна е првиот финалист во кошаркарскиот куп на Македонија откако во воведната полуфинална пресметка го победи Гостивар со 92-87 на завршниот турнир кој се одржува во Гевгелија. За Блокотехна ова е прв пласман во завршницата од Купот и за трофејот ќе се бори со победникот од второто полуфинале во кое се среќаваат големите скопски ривали МЗТ Скопје и Работнички.

Последната, најдраматична четвртина го реши победникот во пресметката. Во неа Гостивар влезе со пет поени предност, но по пет минути со две тројки на Пен, Блокотехна дојде до израмнување, а потоа и Младеновиќ погоди за три за прво водство на гевгелискиот состав на натпреварот. Неизвесниот и тензичен финиш и припадна на Блокотехна.

По воведните 10 минути, Гостивар ги имаше максималните за овој дел од натпреварот плус седум поени разлика, 27-20. На оваа дистанца, гостиварци дојдоа во финишот на периодот откако Блокотехна се врати по шест негатива, намали на еден, но не успеа повеќе од тоа.

 

На влезот од вториот дел, Гостивар беше уште поагресивен и со серија од 5-0 се одлепи на 12 поени позитива. Десет поени предност имаше на полувремето, на пауза замина со 54-44. Воведното полувреме мина со нефункционална одбрана, особено на Блокотехна која имаше и проблеми со реализацијата на слободните фрлања, погоди само две од осум обиди. Гостивар пак имаше исклучително добра реализација, за три поени имаше 9 успешни од 17 обиди.

Во средината од третата четврина, Блокотехна успеа да се приближи на шест поени негатива, но следеше експресен одговор од Гостивар, кој за само една минута повторно побегна на повторно на 12. тимот на Марјан Србиновски не направи повеќе разлика од овие 12, а составот на Марјан Илиевски пак дојде и до само три негатива во последната минта од четвртината која на крајот сепак ја загуби со пет.

Пен со 28 поени ја предводеше Блокотехна до победата, кај Гостивар Ефинаи беше најефикасен со 20 поени, Шегариќ постигна 18.

 

Се вчитува...