На денешен ден пред точно три години екипата на Блокотехна се закити со титулата во регионалната БИБЛ-лига, крунисувајќи ги своите добри игри на домашната и на балканската кошаркарска сцена.
Откако една година претходно на Ф4 турнирот во Самоков не успеа да стигне до финалето, тимот на Блокотехна блесна на фајналфор завршницата во Тирана и се искачи на тронот на БИБЛ. Успехот е уште поголем ако се знае дека Блоко настапи без капитенот Горан Главчев и клучниот играч под обрачите, Данило Мијатовиќ, но тренерот Марјан Илиевски успеа да го извлече максимумот од сите оние кои настапија во Тирана и благодарение на тимскиот дух и колективната игра стигна до пехарот.
Блокотехна во полуфиналето го совлада тимот на Академик Бултекс од Бугарија со 79-74, по што во големото финале славеше над домаќинот Тирана со 82-68.
Екипата од Гевгелија како приватен проект на бизнисменот Томе Главчев неколку години беше при самиот врв и на домашната кошаркарска сцена, во домашното првенство земајќи ги скалповите и на фаворитите МЗТ Скопје и Работнички. Две години по ред Блокотехна играше полуфинале во плејофот, еднаш беше дел и од финалето на Купот на Македонија, каде загуби од Работнички.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА