Блокотехна во фантастична игра славеше над Работнички со убедливи 75-61, нанесувајќи му го првиот пораз на актуелниот шампион во оваа натпреварувачка сезона. Откако во првото коло го совладаа МЗТ Скопје, избраниците на тренерот Илиевски вечерва одиграаа одличен меч, успевајќи да го запрат нападот на Работнички кој воопшто не функционираше. За Блокотехна ова е седми триумф во осмиот меч сезонава, додека Работнички по вечерашниот натпревар има скор од шест победи и еден пораз.
Работнички беше подобар на стартот од натпреварот, поведувајќи со 5-11 со тројката на Кире Николовски, но Блокотехна експресно се врати. Лефкоски беше џокерот на Илиевски во оваа фаза од мечот, со пет поени враќајќи ја Блокотехна, пред да биде заменет поради три лични грешки. Домаќините преку Главчев поведоа со 20-16, по што првата четвртина ја завршија со минимална предност од 22-20. Одбраната на Блокотехна функционнираше уште подобро во вториот период, во кој домашниот тим во неколку ситуации имаа по шест поени предност. Со новата тројка на Главчев тимот на Марјан Илиевски поведе со 37-28, за на одмор да се замине со 39-33.
Младеновиќ го отвори второто полувреме со поени за Блокотехна, за по петте поени во низа на Главчев домашниот состав да стигне и до првата двоцифрена предност (46-35). Следеа нови поени на Младеновиќ за 48-35 по кои Докузовски беше принуден да побара тајмаут. Веднаш по минутата одмор Караџовски погоди тројка, но Блокотехна одолеа на тој налет на шампионот, одржувајќи ја двоцифрената предност, па во последната четвртина се влезе со резултат 58-48.
Домаќините се соочија со проблеми во нападот во првите неколку минути од последната четвртина, но Николиќ со фанатична борбеност се избори за офанзивен скок по кој Главчев погоди тројка за 61-50. Неколку минути подоцна Николиќ самиот погоди тројка, па при резултат 66-52 на половина од четвртиот период Докузовски мораше повторно да побара минута одмор за своите избраници. Работнички се обиде со четири ниски кошаркари во завршницата, но ниту тоа не вроди со плод, па Блокотехна апсолутно заслужено го доби овој натпревар со убедливи 75-61.
Капитенот Главчев беше најефикасен кај Блокотехна со 16 поени, 13 постигна Николиќ, кој одигра извонредно против својот поранешен клуб, а на Младеновиќ му недостигаше само еден скок за трипл-дабл, завршувајќи го натпреварот со 12 поени, девет скока и десет асистенции. Најефикасни во таборот на Работнички беа Костов со 16 и Николовски со 13 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА