Екипата на Блокотехна го задржа стопроцентниот ефект во БИБЛ-лигата откако во својот трет натпревар ја забележа и третата победа, триумфирајќи на домашен терен против Башкими со убедливи 96-70. Сосема очекувано, гостинот од Косово не беше достоен ривал за избраниците на Марјан Илиевски, кои во голем стил ја завршија оваа 2018 година, на чело на табелата во домашното првенство со скор од 9-1 и максимални 3-0 во новата сезона од БИБЛ.
Триумфот над Башкими беше решен уште во првата четвртина, во која предводени од Литванецот Гаидис домашните кошаркари одиграа извонредно во нападот, стигнувајќи до убедлива предност од 31-18. Гостите немаа никакви шанси за враќање во мечот, напротив – предноста на Блокотехна се зголемуваше како што одминуваше времето, се до конечните 26 поени разлика. Убедливата предност му овозможи на тренерот Илиевски да им укаже шанса и на дел од помладите кошаркари, кои одлично ја искористија минутажата што им беше дадена.
Гаидис беше најефикасен со 21 поен, по еден помалку постигнаа Главчев и Мијатовиќ, на последниот меч на Блоко за оваа година, со оглед на фактот дека тимот од Гевгелија е слободен во последното коло од домашното првенство што ќе се игра наредниот викенд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА