Блокотехна тргна со 99 поени во Првата лига

Екипата на Блокотехна славеше на градското дерби против Кожув со убедливи 56-99, за триумфален старт на новиот проект на Томе Главчев, во кој повторно тренер е Марјан Илиевски. Денешниот меч не може да е мерило поради слабиот квалитет на противникот, но со ростерот што го има Блокотехна и потенцијалот што го поседува јасно е дека овој тим сериозно ќе атакува на место во Супер-лигата, што би претставувало успех во првата сезона од постоењето на овој клуб.

Финансиските проблеми со кои се соочува Кожув и формираниот ростер „во пет до дванаесет“ беа причина во ова градско дерби да нема никаква неизвесност. Откако Горан Главчев постигна тројка за водство на гостите од 10-12, предноста на овој тим се повеќе се зголемуваше. Блокотехна предводена од извонредниот Бенџамин делуваше беспрекорно во нападот, пред се во втората четвртина во која избраниците на Илиевски за десет минути постигнаа 35 поени (14-35) и на одмор заминаа со убедливи 34-59.

Второто полувреме беше само рутина за победничката екипа, шанса добија и дел од помладите кошаркари, па овој дуел заврши со конечни 43 поени разлика (56-99).

Бенџамин со 28 поени и 13 скокови беше главна фигура кај победничкиот тим, Главчев постигна 13, а Божинов 11 поени за Блокотехна, додека прв стрелец на Кожув беше Пековиќ со 22 поени.

Се вчитува...