Екипата на Блокотехна покрај дебитантскиот настап во Првата македонска лига прифати и меѓународен предизвик во првата година од своето постоење. Иако во игра беше и настап во АБА2 лигата, раководството на амбициозниот клуб од Гевгелија реши да биде дел од БИБЛ-лигата, во која настапот ќе го почне со денешниот домашен натпревар против Тирана.
БИБЛ за разлика од претходните сезони го промени системот на натпреварување, па повеќе нема групи туку сите екипи ќе играат по лигашки систем, a покрај Блокотехна нашата земја ќе има уште еден претставник, тимот на Куманово.
Клубот од Гевгелија ја стартуваше домашната сезона со убедлива победа на градското дерби со Кожув, но во Блокотехна очекуваат потешка задача на денешната пресметка со Тирана.
„Албанскиот тим за разлика од претходната сезона значително се засили, меѓу другите и со македонскиот репрезентативец Брчков. За нас ова е прва сезона и цел ни е да се претставиме во што подобро светло. Ќе видиме како ќе се одвиваат работите, сигурно желба ни е да завршиме меѓу најдобрите четири, но свесни сме дека за тоа ќе треба напорно да се работи низ целата сезона“ – изјави тренерот Марјан Илиевски во пресрет на денешниот меч и регионалното деби на Блокотехна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА