Бобан го доби Милан на суд, ќе добие милиони за девет месеци работа

Италијанскиот Врховен суд донесе конечна пресуда за случајот на Звонимир Бобан против Милан, со која потврди дека поранешниот спортски директор на клубот бил незаконски отпуштен во 2020 година. Бобан по само девет месеци го тужеше Милан за раскинување на соработката, а судот му наложи на клубот да му плати отштета од 4,2 милиони евра.

Оваа правна сага започна кога Бобан јавно го критикуваше тогашниот извршен директор Иван Газидис за одлуки кои ја загрозуваа стабилноста на клубот. Неговото интервју за италијанските медиуми предизвика бурни реакции и на крајот доведе до прекин на соработката.

Конфликтот со Газидис започна поради најавите за смена на клучните фигури на клубот, како Паоло Малдини и тренерот Стефано Пиоли, како и евентуалното ангажирање на Ралф Рангник, што Бобан го оцени како непочитување кон актуелниот тим.

Иронично, Рангник никогаш не го презеде клубот, но Бобан со отказ ја „плати цената“ за неговите зборови.

Се вчитува...