Во периодот 3. до 11. март, во Бусто Арсизио, Италија ќе се одржи првиот светски квалификациски боксерски турнир на кој најдобрите боксери од целиот свет ќе се натпреваруваат за остварување на норма за учество на Олимписките игри Париз 2024 година.
Бобан Илиоски ќе биде единствениот македонски претставник (категоријата до 92 килограми) кој заедно со својот тим, Владимир Богоевски -шеф на делегација, тренерот Дејан Митревски – Урко, Драган Атанасовски и д-р Иван Барбов ќе се обидат да го извлечат најдоброто од себе и да ја израдуваат Македонија.
Ждрепката за овој олимписки квалификациски турнир е на 2. март.
„По освоените европско кикбокс WAKO злато во 2022 и светското кикбокс WAKO злато во 2023 година, овојпат се вклучуваме во боксот за да обезбедиме пласман за учество на Олимписките игри во Париз оваа година. Бобан не е дебитант во боксот, има учествувано на неколку бокс професионални мечеви каде сите ги завршил со победи, повеќето со нокаут, а учествуваше и на ‘Златниот гонг’ во 2016 година. По разговорите и убедувањата со претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, одлучивме комплетното искуство и подготвеност да го насочиме кон ново спортско натпреварување и да се обидеме да обезбедиме норма на Бобан Илиоски во бокс и можност за учество и освојување на олимписки медал во бокс” – изјави тренерот на Илиоски, Дејан Митровски – Урко.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА