Нашиот најтрофеен кикбоксер Бобан Илиоски забележа извонреден успех триумфирајќи на “WAKO – PRO ARENA FIGHT” – турнирот во К1 меѓу најдобрите борци шампиони во WAKO, кој се одржа во Будва, Црна Гора.
Илиоски, кој во Будва беше предводен од својот тренер и претседател на Македонската кикбокс маи таи федерација, Дејан Митревски – Урко, во полуфиналето на турнирот се сретна и славеше победа против Алберт Угринчиќ од Босна и Херцеговина со 3-0, а во финалето се сретна со Филип Секуловиќ од Црна Гора кого го победи исто така со 3-0.
“За овој настап Илиоски беше на подготовки во Холандија, каде добивме и понуда за борба на настанот ‘Фајт најт топ екшн’ во Турнхоут, Белгија. Борбата ја прифативме и на оваа борба извојува победа со нокаут против домашниот кикбоксер Леви Кујкен во К1 до 85 килограми. Бобан Илиоски е веќе познат како восоко реномиран борец во светот со што понудите за нови борби како и цената негова е постојано во пораст. За 13.мај закажавме борба за европска титула и појас ‘европски SENSHI шампион’ на престижниот турнир SENSHI во Варна против Едуард Алексијан во К1 85 кг. Ни престојат учества и на две светски првенства во Кик Бокс и во Маи Таи каде очекуваме од двете првенства злато” – вели првиот човек на македонскиот кик-бокс Дејан Митревски – Урко, по големиот успех на Илиоски, притоа дополнувајќи:
” Голема благодарност до Агенцијата за спорт и млади и до директорот Наумче Мојсовски за вербата во нас и за постојаната поддршка и ветер во грб за реализација за сите наши досегашни успеси со Бобан Илиоски и со нашата Кик Бокс Маи Таи федерација. Да потенцирам дека секоја помош и поддршка сме ја оправдале и тврдам дека ние сме најуспешен спорт и најтрофејната федерација во нашата земја”.
Митревски најавува и спектакл оваа година во Македонија.
” За оваа година имаме договор по кој следи потпишување на договор за организациски домаќини на WAKO-PRO ARENA FAJT каде Бобан Илиоски ќе има шанса на домашен терен да се бори за Европски појас за титула Европски WAKO-PRO шампион. Во тек се организациските подготовки околу условите, времето и финансиите” – информира Дејан Митревски – Урко.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА