Македонскиот кикбоксер Бобан Иловски загуби на престижниот профи-натпревар од СЕНШИ турнирот во Варна, Бугарија, против Александар Петров од Бугарија со прекин во третата рунда а по реакција на докторот на мечот кој недозволи Бобан ја продолжи борбата поради настаната посекотина на левата јаболчница здобиена од коленото на противникот.
Претседателот на КМФМ, Дејан Митровски-Урко заедно со секретарот Драган Атанасовски беа како тренери со Бобан на овој високорангиран турнир.
„Самата покана од организаторот за учество на Иловски на овој турнир е голема привилегија како за Бобан така и за нас како федерација и земја. Иловски одлично ја почна борбата и доминирше во првата рунда, втората рунда го одржа темпото и имаше размена на одлични комбинации, додека пак во третата рунда Бобан се здоби со посекотина на левата јаболчница по што судијата недозволи да се продолжи мечот“ – ни изјави по синоќешната борба Дејан Митровски – Урко.
Борбата се одржа според правилата на КВУ фулконтакт ќокyншикај кои се идентични со правилата во К1 во категорија до 85 кг. Мечот го судеше легендата во кик боксот Питер Артс, а наградите ги додели легендарниот Семи Шулц. Како гости на настанот беа и звездите Ернесто Хост и Алберт Кауст. Сите овие гости со своето присуство го прават овој турнир уште попрестижен и учеството на него е привилегија за секој борец исто така и потврда за квалитетот.
„Иако загубив почестен сум со самото учество на овој престижен турнир. Секогаш учиме од насите грешки и така стануваме подобри и подобри. Секогаш поразот повеќе ме мотивира и верувам дека при следна покана ќе прикажам многу подобра борба“ – ни изјави Бобан Иловски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА