Сејдини за „Алсат“ посочи дека Ангеловски е прв избор, но ако не се најде заеднички јазик тогаш јавноста знае кој ќе биде негов наследник, алудирајќи на Боби Милевски.
„Прво ќе разговараме со Ангеловски, а потоа ќе одиме со други варијанти. Се појави шпекулација и со Просинечки, ама сакам јавноста да знае дека прво ќе разговараме со Ангеловски. Ако не се согласиме, мислам дека цела јавност знае кој ќе биде селектор, ако не се договориме со Ангеловски“, истакна Сејдини.
Претходно и селекторот на младата селекција во новогодишното интервју за ФФМ јасно потенцираше дека не ја крие желбата за преземање на сениорската репрезентација.
„Јас не кријам, ниту сум криел претходно дека еден ден сакам да бидам селектор на А-тимот. За секој тренер во земјава е крајна цел да биде селектор на својата држава. Јас тоа го кажав и пред враќањето на селекторската функција до 21 година. Познавајќи ја визијата на ова раководство на ФФМ, познавајќи ја нивната стручност и професионалност верувам дека како ќе се одвива мојата тренерска кариера, мислам дека ќе донесат правилно решение. Посебно затоа што мене ми завршува договорот на крај на февруари, а што ќе биде понатаму – ќе видиме“, рече Милевски.
Благоја Милевски е првиот македонски селектор кој однел национална селекција на Европско првенство, и тоа кога никој не очекуваше во 2017 со младата репрезентација. Токму од таа генерација повеќе од десет фудбалери се стандардни членови сега и на А-селекцијата која избори пласман на ЕВРО 2020. Милевски со надежите и во последниот квалификациски циклус запиша одлични резултати, само поради промената на системот од УЕФА останувајќи без бараж за пласман на ЕП.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА