Бодирога: Големи се шансите Партизан и Звезда повторно да бидат дел од Евролигата

Првиот човек на Евролигата, Дејан Бодирога, ја израдува српската кошаркарска јавност со изјавата дека се големи шансите Црвена Звезда и Партизан и во следната сезона да бидат дел од елитното европско натпреварување.

Иако дел од раководството тврдеше дека дури и освоената титула во АБА-лигата не носи загарантирано место во Евролигата, Бодирога е оптимист дека неговата земја повторно ќе има две екипи меѓу кремот на кошаркарска Европа.

„Белград беше одличен домаќин на два фајналфор турнири, лесно може дасе случи наскоро повторно да добие организација. Знаеме што се случува во српската кошарка, колку се инвестира и каква е атмосферата во салата кога играат Црвена Звезда и Партизан. Резултатски не минаа како што посакуваа, но имаат перспектива на долги патеки да бидат дел од Евролигата. Луѓе од странство доаѓаат во Белград за тие натпревари, мислам дека тоа е најдобрата атмосфера во Европа и искрено верувам дека се големи шансите и Партизан и Црвена Звезда повторно да бидат дел од Евролигата“, вели Бодирога.

Тоа би се случило со нови специјлни покани, додека за тригодишни лиценци летово дефинитивно нема да стане збор.

„Евролигата е заснована на принцип да има 13 клубови акционери со долгогодишни лиценци кои истекуваат во 2026 година. Сите се желни да ги продолжат лиценците, но во предвид се земаат најразлични критериуми. Најпрвин треба како Евролига да донесеме стратегија за наредните 10 или 20 години, кога тоа ќе се случи, би можеле да доделиме и некои лиценци на три до пет години, со што на клубовите кои не се акционери во лигата би им дале некаква сигурност“, објасни Дејан Бодирога.

Се вчитува...