Европскиот вицешампион Интер е во аут во Лигата на шампионите уште во плеј-оф фазата, откако вечерва загуби на реваншот од норвешкото чудо Бодо Глимт со 1-2. Така норвешката екипа со втор триумф се пласираше во 1/8 финалето, откако и по првиот меч триумфираше со 3-1.
По првиот дел немаше голови, иако Интер имаше шанси да поведе. Првиот шок за домашните го нанесе Хауге, по големата грешка на Аканџи. Интер нападна да постигне гол, а откако тоа не им успеа, Хауге во 72. минута асистираше до Евјен, кој успеа да ја смести топката во долниот лев агол. Во 76. минута Бастони успеа да намали, но Интер не направи ништо повеќе за да направи чудо и да дојде до потребниот триумф за продолженија.
Баер Леверкузен со предноста од 2-0 по првиот меч во Атина, вечерва против Олимпијакос на домашен терен одигра без голови. Во 62. минута Леверкузен ја имаше најдобрата шанса кога Грималдо ја погоди пречката. Пласманот на домаќините можеше да биде загрозен во 89. минута кога Скорпиони за малку ќе донесеше гостинско водство и неизвесност во финишот, но тоа не се случи.
Иако беше пласиран во 1/8 финалето и пред реваншот, тимот на Њукасл го совлада Карабах и на реваншот на свој терен со 3-2, и така со вкупни 9-3, обезбеди пласман во следната фаза од најелитното европско натпреварување.
Англискиот тим уште по првото полувреме го запечати пласманот, откако имаше предност од 2-0 со головите на Тонали и на Жоеилтон. Карабах успеа да намали преку Дуран во 51. минута од средбата, но само минута подоцна Ботман ги врати +2 од првиот дел. Карабах одново намали преку Џафаргулиев, откако ја смести топката во мрежата по промашениот пенал на Јанковиќ.
Претходно пласман во 1/8 финалето обезбеди Атлетико Мадрид кој со 4-1 триумфираше над Бриж.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

