Ракометната Федерација на Македонија денеска ги објави цените за влезниците за квалификацискиот натпревар против Исланд, што ќе се игра на 4 мај во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Влезниците ќе бидат пуштени во продажба денеска со почеток во 12 часот, а истите ќе чинат 100 и 200 денари, популарни цени со цел салата да биде исполнета до последно место, а нашите ракометари да имаат огромна поддршка во обидот да слават победа и да направат чекор напред кон пласман на ЕП 2018 во Хрватска.
Како што информира РФМ, продажбата на влезници за натпреварот почнува во денеска (24.04.2017) во 12:00 часот на сите продажни места на МК Тикетс низ државата, а влезници можат да се резервираат и online на интернет-страницата на МК Тикетс. Влезниците се продаваат по цени од 100 денари (горни трибини) и 200 денари (долни трибини – партер).
Натпреварот против Исланд е од огромно значење за нашата репрезентација во борбата за пласман на ЕП 2018 во Хрватска. Македонија, заедно со Исланд, но и со останатите две селекции кои се наоѓаат во нашата група (Чешка и Украина) има по 2 освоени бодови по првите две одиграни средби.
По завршувањето на овој натпревар, Македонија на 7 мај ќе гостува во Рејкјавик на Исланд, а последните две средби од групата против Украина на гостински терен и против Чешка дома, ќе се одиграат на средината на јуни. Првопласираните две репрезентации од групата обезбедуваат учество на ЕП 2018 во Хрватска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА