Боели предложи Ол-стар во Премиерлигата, Клоп му одговори: Да не сака да дојдат и Харлем Глоубтротерс?

Новиот газда на Челси, Тод Боели по само неколку месеци откако го превзема лондонскиот гигант предложи револуција во фудбалските натпреварувања во Англија.

Американецот кој воедно има акции во двата најголеми клубови од Лос Анџелес, Доџерс и Лејкерс вели на Премиерлигата и е потребен Ол-стар натпревар во кој северот ќе си ги одмери силите со југот, а од тоа првенстовото ќе има и добра заработка.

„Се надевам дека Премиерлигата ќе научи нешто од американскиот спорт. Зошто немаме Ол-стар натпревар? Луѓето постојано ми говорат за правење повеќе пари. Од Ол-стар натпреварот во МЛБ (Американската бејзбол лига) добивме 200 милиони долари за само два дена. Мислам дека натпревар помеѓу северот и југот од Премиерлигата ќе донесе многу пари“, вели Боели.

Набргу потоа следеше одговор и од тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп кој не е воодушевен од идејата. Германецот вели дека ситуацијата во американските спортови и англиската Премиерлигата е сосема различна па доколку Американецот најде датум за одигрување на дуелот, да го бара.

„Ако најде датум за натпреварот нека ме бара. Заборава дека во американските спортови играчите имаат четиримесечен одмор па се среќни дека можат да одиграат некој натпревар во тој период. Во фудбалот е сосема различно. Зошто да не ги донесе и Харлем Глоубтротерс? Изненаден сум од прашањето па не ми судете на одговорите“, вели Клоп.

Британските медиуми набргу потоа направија и два тима кои би можеле да си ги одмерат силите. На една страна ѕвезди како Салах, Роналдо, Халанд…, а од другата Канте, Кејн, Стерлинг…

 

Се вчитува...