Кандскиот возач, Ленс Строл, кој сезонава ќе дебитира во Формула 1, самоуверено изјави дека не му е гајле за критиките што ги добива пред првата сезонска трка за ГН на Австралија. 18-годишниот Строл имаше променливи настапи на претсезонските тестови во Барселона, вклучувајќи и едно свртување и еден судар поради кој тимот на Вилијамс загуби цел ден тренинзи.
Новиот возач на Вилијамс е син на канадскиот милијардер, Лоренс Строл. Бидејќи на листата со платите на возачите во Ф1, само за Строл не е објавена сумата за која ќе вози, се проширија информации дека татко му платил милионска сума за неговиот син да добие место во Ф1, па Строл набрзо го доби прекарот „платеник“.
„Баш ми е гајле за критиките. Тоа не е моја работа. Ние сите сме професионалци. Во авто-мото спорот се случуваат некои работи и вие едноставно, мора да се одвоите од нив. Се е многу едноставно за сите. Првата недела беше фрустрирачка, но се концентриравме на втората и се помина добро“ – вели Строл.
За новакот во тимот на Вилијамс, нема одредени цели пред првата трка во Ф1 шампионатот што ќе се вози на 26 март во Мелбурн.
„Мора да останеме мирни и не мислам дека треба да поставуваме било какви цели. Јасно е дека таа патека ќе ми биде нова и поинаква. Може многу работи да се научат таму, но јас ќе одам чекор по чекор и круг по круг. Ќе биде многу тешко да се следи ритамот на првите три тима, Мерцедес, Ред бул и Ферари, но се под тоа ќе биде битка. Не смееме во главите да си одредуваме бројки. Ќе ги видиме резултатите кога ќе почнат трките“ – вели дебитантот во тимот на Вилијамс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА