Богдановиќ и Јокиќ со нови рекорди во кариерите

Кошаркарите на Јута ја продолжија победничката низа на осум натпревари, славејќи против Голден стејт со 127-108 во еден од синоќешните натпревари во НБА лигата.

Бојан Богдановиќ немаше шутерска вечер за паметење, но постави рекорд поделувајќи осум асистенции. Заврши со 14 поени, плус со осум асистенции и седум скока. Најдобар во тимот на Јута беше Донован Мичел со 23 поени.

Јута во моментов е со 12 победи и четири порази, исто како и ЛА Клиперс. Најдобри во целата лига се ЛА Лејкерс со 13 победи и четири порази.

Денвер славеше против Феникс по продолжение со 120-112. Никола Јокиќ со 29 поени, запиша и 22 скока што е негов рекорд во кариерата.

Лука Дончиќ постигна 25 поени, со пет скока и осум асистенции, но Далас, каде поради Ковид-19 недостасува речиси половина тим, загуби од Хјустон со 133-108. Бобан Марјановиќ кај Далас запиша 15 поени дополнети и со 12 скока.

Филаделфија на крилјата на Ембид (33 поени и 14 скока) победи против Детроит со 114-110, додека Чикаго загуби од Лејкерс со 90-101, со одлично издание на Ентони Дејвис кој мечот го заврши со 37 поени.

Се вчитува...