Богдановиќ: Веруваме дека можеме да ги победиме и Американците

Србија се пласираше во кошаркарското полуфинале на Летните олимписки игри во Париз и тоа по неверојатен пресврт. „Орлите“ имаа негатива од 24 поени во првото полувреме, но не се предадоа. Од минута во минута ја топеа предноста на „кенгурите“ и на крајот по продолжение стигнаа до место меѓу најдобрите четири екипи.

По натпреварот за медиумите говореше капитенот Богдан Богдановиќ кој е среќен што тимот покажал карактер по катастрофалните први петнаесетина минути.

„Беше многу тежок натпревар, мило ми е што покажавме карактер. Не се предадовме. Погодуваа тешки обиди, но нас тоа не не засегна, што покажува карактер на екипата. Сите придонесоа денеска. Дури и кога не ни одеше верувавме едни во други, се поддржувавме. Секој на свој начин е заслужен за овој триумф, а тоа е најважно за екипата“, вели Богдановиќ.

Следен противник на Србија ќе биде подобриот од дуелот меѓу САД и Бразил на кој Американците важат за големи фаворити. Српските кошаркари претрпеа два убедливи пораза од Американците во последните десетина дена (на турнирот во Дубаи, потоа и во првото коло од групната фаза на ОИ), но Богдановиќ верува во поинаков исход во полуфиналето в четврток.

„Нека биде трета среќа. Тактиката е иста – пожртвуваност, тимска работа и верба во себе. Искрено веруваме дека можеме да ги победиме Американците ако одиграме најдобро што знаеме“, порача српскиот капитен.

Се вчитува...