Богдан Богдановиќ беше еден од најзаслужните за титулата европски првак на Фенербахче, по што српскиот кошаркар сега се реши за нов предизвик во кариерата – преселба во НБА-лигата. Сакраменто кингс ќе биде новиот клуб на извонредниот шутер, откако генералниот менаџер на овој тим, легендарниот Владе Дивац, по долги преговори успеа да ги договори сите детали од овој трансфер.
Богдановиќ на 6 јули ќе отпатува за САД и ќе го потпише тригодишниот договор со Сакраменто кингс вреден огромни 36 милиони долари. Тој поради своето реноме нема да настапува во Летната лига, туку ќе се врати назад во Србија и ќе се приклучи на подготовките на својата репрезентација на Евробаскет 2017.
Српскиот кошаркар се усоврши под водство на Жељко Обрадовиќ, па сега се чувствува дораснат за предизвикот наречен НБА. Владе Дивац на ланскиот драфт направи размена со Феникс санс со која ги доби правата врз Богдановиќ, за легендарниот центар летово да успее да го убеди извонредниот шутер да му се приклучи во Сакраменто.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА