Богдановиќ: Србија оди на златен медал во Париз

Српската кошаркарска репрезентација направи голем успех на Светското првенство кое во 2023 година се одржа во Јапонија, Филипини и Индонезија освојувајќи го сребрениот медал и покрај тоа што настапи без клучните играчи.

Поразот во големото финале против Германија само дополнително ги мотивираше српските кошаркари, а тоа го потврди и капитенот Богдан Богдановиќ кој изјави дека на престојните Летни олимписки игри кои ќе се одржат оваа година во Париз „орлите“ ќе целат на златен медал.

„Тежок беше поразот од Германија во финалето. Меѓутоа, животот оди понатаму. Веќе летово имаме шанса за ново злато. Ќе биде. Мора да биде“, изјави Богдановиќ.

Со оглед на дебаклот кој го доживеа репрезентацијата на САД на светскиот собир, големи се шансите дека Американците ќе се појават со суперѕвезди во главниот град на Франција, а за капитенот на Србија тоа е предизвик плус.

„Би сакал да се натпреварувам со нив. Тоа би било едно од најголемите достигнувања во мојата кариера. Таков тим не може да се најде на друго место, ниту во едно првенство. Тоа се играчи кои имаат многу титули во НБА, олимписки и светски златни медали“, додава Србинот.

Се вчитува...