Богдановиќ: Загубивме на наша глупост, јас сум виновникот, а не Гњидиќ

Хрватската спортска јавност е во шок откако „коцкестите“ го загубија клучниот меч од квалификациите за СП, на домашен терен од Финска, па сега заедно со Македонија ќе мора да почнат од претквалификации за наредниот европски шампионат. Бојан Богдановиќ требаше да биде предводник на Хрватите во овој квалификациски прозорец, но одличниот шутер не одговори на предизвикот, иако беше најефикасен синоќа против Финска, го промаши последниот шут за тројка со кој можеше да ја донесе победата.

Тој сепак покажа карактер на лидер, преземајќи ја одговорноста за неуспехот, порачувајќи на навивачите да не фрлаат со дрва и камења по младиот Гњидиќ, кој не реализираше две слободни фрлања при „плус еден“ за Хрватска на десетина секунди до крајот.

“Ловре Гњидиќ нема ништо со овој пораз. Па токму тој со интензитетот во одбраната донесе пресврт кога беше најважно. Ако треба некој да е виновен, тоа сум јас. Ја побарав топката, го земав последниот шут и промашив, јас сум виновникот за ова фијаско. Сите сме разочарани, бидејќи Финците не не победија, ние самите се победивме. По којзнае којпат ни се случи истото, да загубиме добиен натпревар на наша глупост. Никогаш не сме паднале волку ниско, тешко е да се каже нешто паметно по вакво фијаско“, истакна кошаркарот на Јута Џез.

Се вчитува...