Богданци повторно живее за фудбал: По само две години од возобновувањето, Вардарски ќе игра бараж за Втора лига!

Минатата недела сите погледи на љубителите на фудбалот во Богданци беа насочени кон селото Карбинци каде нивните миленици, фудбалерите на Вардарски го играа решавачкиот меч со истоимената екипа за првото место во Третата  лига – Исток. Беше тоа натпревар да се биде или не за Вардарски кој водеше голема битка за титулата со  најголемиот конкурент Слога од Виница. На крајот, имаа и зошто да се радуваат играчите од Богданци, победија со 1-4 на ова гостување, го сочуваа првото место на табелата и ќе играат бараж за пласман во единствената Втора лига на Македонија. Нивниот конкурент Слога го победи Малеш со 5-0, но недоволно, остана покус за два бода на табелата.

Се радуваа фудбалерите на Вардарски за освоениот пехар за првото место што им го предаде претседателот на Третата лига-Исток, Алексадар Андов. Само по две години, откако Вардарски повторно се појави на фудбалската карта на Македонија го постигна овој голем успех под раководство на тренерот, воедно и претседател на клубот, Бојан Каракамишев и неговиот помошник Благој Дуганов. Минатата сезона, откако повторно беше обновен Вардарски, благодарејќи на иницијативата на градоначалникот на Богданци, Блажо Шопов, се бореше за опстанок во Третата лига, а во годинашнава сезона стана првак. Долго години Вардарски не постоеше, а во деведесетите години беше еден од најдобрите клубови во Македонија, кој долго со голем успех играше во Првата лига и беше на прагот да се пласира и во Втората лига на Југославија. Постарите љубители на фудбалот сигурно се сеќаваат на таа генерација на Вардарски, кога го водеа тренерите Блажо Малинков, Диме Георгиев, Трајче Новоселов, Бранко Роксандиќ, кога на чело на клубот беше легендата на Вардарски, Ѓоко Паунков. Само да потсетиме  дека неговиот дрес го носеле и Ѓоко Хаџиевски, Пане Блажевски, Ангел Кимов, Никола Секулов, Димче Тристовски, Ариф Бегановиќ, Баже Лазаревски, Перо Ранготов, Мојсеј Морарцалиев, Драган Илиевски-Вршац… Беа тоа убави времиња за фудбалот во Богданци, кој чекор по чекор  група ентузијасти, потпомогнати од фудбалерите, одново  се обидуват да го вратат.

Сегашната генерација на Вардарски, предводена од ветеранот Мирче Попов, кој со своите 40 години ги одиграл сите натпревари во годинашново првенство, пак, чекори на сериозно враќање кон најдобрите денови во историјата на клубот. Најдобри стрелци на клубот сезонава беа Илија  Баламов со 9 гола и Стојанче Наков со 8 гола. Во тимот се и Славе Танов, Александар Ѓониќ , Илија Јанкулов, Ѓорѓи Карамитров, Христијан  Бејков, Влатко Панов, Мартин Шишков, Мартин Крстевски, Димитар Пеев, Стефан Терзиев, Трајче Бошков, Адам Стојанов, Христијан Мингов, Димитар Јанев, Михаил Попов, Миле Стамнов, Александар Миовски и Салваторе Георгиев. Вардарски сега го очекува баражот во желбата нивните навивачи повторно да гледаат второлигашки фудбал.

КОНЕЧНА ТАБЕЛАТА ОД СЕЗОНАТА 2023/24 ВО ТРЕТАТА ЛИГА – ИСТОК: Вардарски 37 бода, Слога 35, Тиверија 26, Дојранско Езеро 25, Овче Поле 24, Ударник 16, Рудар 15, Малеш 11 и Карбинци 9 бода. Пред почетокот на првенството од настапот се откажа Брегалница од Делчево.

М. Мицковиќ

Се вчитува...