Најдобриот македонски напаѓач Бојан Миовски вели дека, како и секогаш, заедништвото и тимската игра треба да ја однесе Македонија до успех и на дуелот против Украина во сабота во Прага, клучниот во овој квалификациски циклус.
Миовски е сигурен дека тимската позитивна енергија која владее по позитивните септемвриски дуели со Италија и со Малта, треба да не однесе кон нов успех овој октомври.
„По оние два позитивни резултати со Италија и со Малта имаме одлична атмосфера и треба да го задржиме тој позитивен моментум. Сега не чека клучниот натпревар во групата, и ако победиме дефинитивно ќе ги закомпликуваме работите во групата до крајот на квалификациите“ – вели офанзивецот на шкотски Абердин, и дополнува:
„Ние на секој натпревар целиме на победа и три бода, но тоа што се случува на терен не можеме секогаш до крај да го контролираме. Но, сите кои ќе настапиме во Прага знам дека ќе го дадеме максимумот како тим за да дојдеме до успех. Секој натпревар е приказна сама за себе, и се се случува со некоја причина. Ние сме фокусирани сега само на Украина, ако успееме да дојдеме до трите бода ќе имаме големи шанси за втората позиција во групата“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА